Регионот се соочува со нов бран контроли на безбедноста и квалитетот на храната, откако во соседно Косово беше откриена голема афера со неточна декларација и фалсификување на млечни производи. Лабораториските испитувања покажаа дека граѓаните купувале производи со скриени состојки како палмино масло, скроб, растителни масти и млеко во прав, кои воопшто не биле наведени на пакувањата. Ова ги алармираше надлежните инспекции, кои веднаш тргнаа во обемни теренски чешлања на маркетите, а случајот брзо го привлече вниманието и во Македонија поради регистрираниот извоз на дел од спорните брендови.
Случајот зеде поголема димензија откако Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово презеде директни мерки против операторот „Абразен“ (Abrazen), кој е поврзан со познатата млекарница „Вита“ (Vita). Како резултат на констатираните неправилности, беше издадена итна наредба за повлекување на најмалку 12 различни производи од пазарот.
Според официјалните наоди од анализите, помеѓу спорните артикли се најдоа и четири примероци кои им се продавале на потрошувачите како чисто млеко. Кај два од овие примероци беше детектирано присуство на палмино масло, додека кај останатите два беше пронајдено млеко во прав за кое немало никаква назнака на декларацијата.
Во меѓувреме, косовското Министерство за земјоделство објави дополнителни детали околу проверките, при што беа посочени конкретни марки како My Cow, Land и Garden Milk, а инспекциите беа проширени и врз други трговски брендови. Кај производот Garden Milk, освен растителните масти, исто така беше изолирано и недекларирано млеко во прав. Дополнително, инспекторите утврдиле дека операторот произведувал дури 26 производи со растителна содржина без да поседува соодветно одобрение за таква дејност, поради што таа линија на производство беше веднаш запрена.
Заплената брзо се префрли и на самите рафтови во продавниците. Над осум инспекциски тимови спроведоа координативни акции во Приштина, Призрен, Митровица, Пеќ, Липљан и Штимље. Само во една од овие акциски контроли беа отстранети и конфискувани вкупно 5.278 единици млечни производи. Меѓу идентификуваните марки беа и Holla Barista, My Cow, кремовите на Bylmeti, Drena, Milket, како и Bianco, а до сите големи синџири маркети беше испратен налог за нивно итно повлекување.
Врската со македонскиот пазар
Овој случај отвора директно прашање и за безбедноста на производите во Македонија. Според документацијата објавена од косовското Министерство за земјоделство, брендот My Cow се извезувал во Македонија и Црна Гора, додека Land бил извезуван на македонскиот пазар. Поради тоа, косовските власти веќе побарале детална ревизија и проверка на извозните сертификати, сериските броја (лотови), количините и крајните дестинации.
Иако официјалните документи потврдуваат дека производи од овие брендови влегувале во Македонија, засега нема потврда дали токму спорно анализираните серии (лотови) во кои беа откриени неправилностите во Косово се увезени или продавани на македонскиот пазар. За такво нешто да се потврди, потребни се прецизни податоци за сериите што ја поминале границата и нивно споредување со оние што беа позитивни на неправилности во косовските лаборатории.
Засега, македонската Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) се нема официјално изјаснето со споменување на брендовите My Cow, Land, Abrazen или Vita, ниту пак досега се јавно објавени податоци за евентуални спорни лотови, сопствени лабораториски анализи или повлекување на овие производи од продавниците во земјава.
