Го најавија пред еден ден и кога јавноста очекуваше да чуе да некаков скандал за работата на Димитар Ковачевски како премиер, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ излезе и рече дека Ковачевски во 2001 година го избегнал служењето на воениот рок, прикажувајќи се како неспособен.
Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ го повика Ковачевски во рок од 24 часа да се изјасни дали е навистина неспособен или го излажал докторот и институциите.
Ако е неспособен, тогаш треба да поднесе оставка од функцијата премиер, бараат од опозициската партија. Социјалдемократите со реакција. Портпаролот и пратеник Дарко Каевски, порачува дека ова е само очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ, која преку измислици се обидува да го сврти вниманието од тендерот тежок 136 милиони евра.
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да направи дефокус од она што се случува во опозициската партија, но и од последните случувања со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
