Скопје-Блаце во фокус на средбата во Солун, министрите разговараа и за патот Тетово-Призрен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Самитот за инвестиции во транспорт што се одржа во Солун послужи како место на средба за двајцата министри за транспорт, на Македонија Александар Николоски и на Косово Димал Баша, каде во фокусот била изградбата на автопатот Скопје–Блаце на делот во Македонија, како важна артерија за двете држави.

– Овој проект претставува најважна патна врска меѓу Македонија и Косово, која ќе придонесе за побрз, побезбеден и поефикасен транспорт, ќе ја подобри мобилноста на граѓаните и економијата и дополнително ќе ја зајакне регионалната соработка. Соговорниците се согласија дека подобрата транспортна инфраструктура ќе овозможи поинтензивна економска активност, полесно движење на луѓе и стоки и ќе создаде нови можности за инвестиции и развој на бизнис заедницата во двете земји, велат од министерството за транспорт на Македонија.

Министерот за инфраструктура и транспорт на Косово, Димал Баша, соопшти дека се разговарало и за патот Тетово–Призрен.

– Заедно разговаравме прво за важноста на проектот што ќе започне во наредните денови, автопатот Скопје–Блаце, инвестиција во вредност од 200 милиони евра, која ќе го олесни движењето на граѓаните и стоките меѓу нашите земји. Исто така, тема на разговор беше и патот Призрен–Тетово, за кој се договоривме да се изработат неколку студии за следната фаза од работите, со цел тие да се изведат што е можно подобро, изјави Димал Баша, министер за инфраструктура и транспорт на Косово.

Министерството за транспорт на Македонија соопшти дека на овој состанок исто така се разговарало за зајакнување на економската и трговската соработка меѓу Македонија и Косово, со фокус на реализација на заеднички инфраструктурни проекти од стратешко значење. Двете страни ги оценија одличните односи и се обврзаа за интензивирање на институционалната соработка за зголемување на трговијата, конкурентноста и долгорочниот економски развој во двете земји.