Скопје ќе биде домаќин на Европското првенство во кикбокс 2026: Над 1.400 учесници од 40 држави пристигнуваат во Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од 6 до 15 ноември 2026 година, Скопје ќе биде домаќин на ВАКО Европското првенство за сениори, ветерани и паракикбоксери, кое ќе се одржи во спортскиот центар „Јане Сандански“. Станува збор за најголемиот кикбокс настан што годинава ќе се организира во Македонија и еден од најзначајните спортски настани во регионот.

Доверувањето на организацијата на Македонија претставува значајно признание за македонскиот спорт, како и за работата и резултатите на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија. Апликацијата за организација на шампионатот била поднесена уште во 2021 година, но поради последиците од пандемијата и одредени процеси во рамките на меѓународната федерација, домаќинството било потврдено за 2026 година.

Организацијата на европско првенство од ваков ранг се доверува на држави кои имаат докажани спортски резултати, развиена инфраструктура и капацитет успешно да реализираат големи меѓународни натпреварувања. Според најавите, во Скопје се очекува пристигнување на околу 1.400 натпреварувачи, тренери, судии и спортски функционери од приближно 40 европски земји.

Во текот на десетте натпреварувачки денови, македонската престолнина ќе биде центар на европскиот кикбокс, што покрај спортското значење ќе донесе и економски придобивки преку зголемена туристичка и угостителска активност, како и дополнителна меѓународна промоција на државата.

Шампионатот ќе биде можност Македонија да ги претстави своите организациски капацитети, спортската инфраструктура и традиционалното гостопримство пред европската спортска јавност. Илјадници гости ќе имаат можност одблиску да се запознаат со културното наследство, знаменитостите и природните убавини на земјата.

Посебна вредност на првенството е неговиот инклузивен карактер, бидејќи во рамките на истиот настан ќе настапат сениори, ветерани и паракикбоксери. Со тоа ќе се испрати силна порака за еднакви можности, спортска инклузија и промоција на европските вредности.

За македонските репрезентативци, Европското првенство ќе претставува ретка можност да се натпреваруваат на највисоко континентално ниво пред домашната публика, додека за државата ќе биде уште една потврда дека успешно може да организира големи меѓународни спортски настани.

ВАКО Европското првенство 2026 во Скопје е повеќе од спортско натпреварување – тоа е можност за промоција на Македонија, афирмација на домашниот спорт и дополнително позиционирање на земјата на европската и светската спортска мапа.