Од 43 направени тестирања денеска во Македонија, три се позитивни на коронавирус. Вкупниот број на дијагностицирани случаеви е 70.
„Од трите новодијагностицирани една пациентка патувала во Србија, бабата на девојчето од Штип, кое што вчера најавивме дека ќе биде тестирано има позитивен тест и уште еден пациент од Скопје“, вели Венко Филипче.
По ова, Скопје е сега новиот епицентар на вирусот со 36 случаеви, по него следува Дебар со 30, па Штип со 2 и по еден случај во Гостивар и Охрид.
„Сите пациенти се со релативно стабилна клиничка слика, лесна до средна. Пациентката која е на респираторна е единствена пациентка која е на механичка вентилација во нашата земја, а од касните синоќешни часови навлезе во многу критична фаза“, посочи Филипче.
Министерот додава се прават напори за дополнителна терапија и поддршка на сите органиски системи.
„Како што кажав, имаме само еден пациент на респираторна машина, нашата земја располага засега со 120. Светските искуства велат дека 5% од заболените се на респираторна машина, тоа значи дека на бројка од 1000 пациенти претпоставка е дека ќе има 50 пациенти кои што се на респираторна машина“, додава Филипче.
Филипче додава дека во тек е и нова набавка на респиратори кои пак моментално се заглавени во Бразил со одлука на нивната Влада. Се прават напори преку нашето конзуларно претставништво да се ослободи пратката.
Се очекува и пратката од 200 респиратори од Кина кои нашата држава ќе ги добие како донација.
Во нашата земја досега се направени 888 тестирања, а на располагање остануваат уште 1400 дополнителни. Се очекува набавка на дополнителни 1000 и донација од 1000.
