Огромен шумски пожар во Белгија, стотици евакуирани, пристигна помош од пожарникари и хеликоптери од Германија и Холандија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарникарите се борат со огромен шумски пожар, кој зафати повеќе од 27 квадратни километри во природниот резерват Хохес Вен во источна Белгија, принудувајќи ги жителите од околните населени места да се евакуираат. Медиумите го опишуваат пожарот како еден од најголемите во поновата историја на земјата.

Околу 600 жители на општините Вајмс и Битгенбах, во провинцијата Лиеж, во близина на германската граница, во саботата добиле наредба за евакуација откако промената на правецот на ветрот предизвикала ширење на чадот низ областа. Властите ги повикале и туристите да го напуштат подрачјето, додека во блиска спортска сала бил отворен центар за прифаќање на евакуираните.

Гувернерот на провинцијата Лиеж, Ерве Жамар, утрово соопшти дека на терен се распоредени повеќе од 250 припадници на итните служби, меѓу кои над 100 белгиски и германски пожарникари, полицајци, припадници на армијата и служби за цивилна заштита. Во гаснењето помагаат и хеликоптери за противпожарна интервенција на федералната полиција на Белгија и на Холандија.

Властите соопштија дека до неделата наутро нема информации за зафатени домови, иако пожарот останал во близина на населени места, а густиот чад продолжил да се шири. Тие ги повикаа граѓаните да се држат подалеку од зоната на пожарот, предупредувајќи дека непотребното движење на возила може да го попречи пристапот на возилата на итните служби и да ги отежне операциите за гаснење.

Пожарот избувна по неколкунеделно невообичаено топло и суво време за земјата. Комбинацијата од вресишта и тресетишта во Хохес Вен дополнително го отежнува неговото ставање под контрола.

Во блискиот германски град Моншау, локалните власти во текот на ноќта предупредија дека пожарот е на околу три километри од границата и дека пожарникарите се во состојба на готовност. Во раните утрински часови во неделата, на веб-страницата на градот беше објавена препорака жителите на три периферни населби во близина на границата привремено да го напуштат подрачјето, бидејќи не можело да се исклучат здравствени ризици од чадот.

Белгија и оваа недела беше погодена од нов топлотен бран, при што температурите во некои делови од земјата во петокот достигнаа околу 37 степени Целзиусови.