„Skopje Security Conference 2026“ – фокус на вештачката интелигенција и сајбер-безбедност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Современите безбедносни предизвици бараат меѓународна соработка, зајакнување на институциите и заеднички пристап кон дигиталните, хибридните и геополитичките закани. Ова беше пораката на еден од панелите на меѓународната безбедносна конференција чиј домаќин беше Скопје.

Како дел од програмата беа одржани пет тематски панели на високо ниво.

На првиот панел, посветен на мултилатералната безбедност во фрагментиран свет, учесниците разговараа за потребата од засилена дипломатија, при што поранешниот амбасадор Дарко Ангелов ја истакна важноста на соработката на Балканот и ги појасни трите столба на безбедноста.

– На Балканот, повторно кооперативната безбедност како мото, како суштина на она на што работиме денес, значи дека безбедноста не е само безбедност, односно тврдиот аспект на безбедноста, туку и пристап кон други безбедносни тенденции, кои се состојат од три димензии: едната е воената, како суштинска, потоа се приближуваме кон помекиот пристап на човечката безбедност и човековите права, а потоа доаѓа економскиот и еколошкиот аспект-изјави Ангелов.

Швајцарскиот амбасадор Кристоф Сомер ги претстави важните стратегии во дипломатската работа, нагласувајќи дека и Швајцарија може активно да се ангажира.

– Друг важен аспект се довербата и правичноста, кои навистина претставуваат стратешки вредности во дипломатската работа. Швајцарија може дополнително да го гради својот традиционален ангажман кон нормативните принципи, меѓународното право и хуманитарниот профил-рече Сомер.

Професорот Жидас Даскаловски ги истакна двата најефикасни начина за спроведување превентивна дипломатија.

– Првиот клучен елемент во превентивната дипломатија е обезбедување целосна анализа, а вториот е создавање простор за дијалог и олеснување на процесите-вели Даскаловски.

Гим Власи зборуваше за важноста на неутралните држави и тивката дипломатија.

– Вистинската вредност може да се види во обезбедувањето неутрални платформи за тивка дипломатија, место за разговор меѓу различни страни, што директно произлегува од позицијата на неутралните држави-изјави Власи.

Панелите посветени на вештачката интелигенција, климатската и енергетската безбедност, како и економската стабилност на Западен Балкан, заклучија дека новите технологии, ресурсите и инвестициите сè повеќе се поврзуваат со безбедносните политики, нагласувајќи ја потребата од зајакнување на институционалната отпорност и регионалната соработка.