Скопските општини се „дават“ во ѓубре – ЈП Комунална хигиена тврди дека отпадот се собира секој ден

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Скопските општини се затрупани со отпад како никогаш досега. Во секој агол од градот можете да видите контејнери преполни со ѓубре и фрлен отпад околу нив.

ТВ21 вчера информираше за состојбата во Чаир, додека градоначалникот на оваа општина прстот го впери кон ЈП Комунална хигиена. Но, од ова претпријатие велат дека во оваа општина секојдневно се чисти.

„Во оваа скопска општина секојдневно се реализира и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни, во согласност со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на градот Скопје. Како што досега во повеќе наврати ги информиравме медиумите, ЈП Комунална хигиена-Скопје во изминатиов период се соочува и со појава на тенденциозно непрописно одлагање отпад на јавни површини којашто резултира со енормно зголемена појава на диви депонии, што е особено изразено во општината Чаир“, велат од ЈП Комунална Хигиена.

Но, не само во Чаир, со истиот проблем се соочуваат и другите општини, како Гази Баба, Бутел и Кисела Вода. Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски дури информираше дека против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ поднел прекршочна пријава за несобирање смет.

Освен за ЈП Комунална  хигиена, поплаки има и за други претпријатија кои се во надлежност на Град Скопје, како што е ЈП Паркови и зеленило, за некосење трева, но и за ЈСП, кадев во последните денови владее хаос.