Изградбата на Кичевската болница започна некаде во 1985/86 година, односно пред 37 години и се уште не е завршена.
Оттогаш се сменија неколку министри за здравство и секој од нив дојде да ја посети, се фотографираше и вети довршување, но реално остануваат само празните ветувања.
Изградбата на оваа болница стана историја, се споменува во секој изборен циклус и во секоја посета на премиерите и министрите на државата.
Граѓаните веќе ја изгубија надежта и не веруваат дека оваа болница некогаш ќе се изгради.
-Никогаш не се прави, не е направено и нема да се направи, во Кичево сè недостасува, катастрофа, ѓубре, кучиња, вели еден граѓанин.
– За кичевската болница, да го прашате градоначалникот на Кичево, не знам дали ќе се заврши или не, подобро прашајте го градоначалникот на Кичево, рече граѓанин од Кичево.
-Ќе поминат уште 40 години, коментираат граѓаните.
Градоначалникот на општина Кичево Фатмир Дехари во емисијата Клик плус го искажа својот револт поради неградењето на оваа болница. Тој рече дека повеќе нема да пречекува владини претставници да доаѓаат и да се сликаат таму.
-Еве од ова студио, веќе нема да пречекам некој министер во мојот мандат да се слика таму. Ќе пречекам само еден министер, под услов да ја пресече лентата и да го пушти тој објект во употреба затоа што се чувствувам одговорен бидејќи сум градоначалник, без оглед што тоа не е општинска надлежност, изјави градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари.
Последен министер кој ја посети оваа болница беше Беким Сали, кој исто така вети продолжување на работите, но од тогаш до сега нема никакво поместување.
