Слаба мотивираност на пратениците за ЕУ процесот – Малеска: Само 19 од 120 народни избраници покажале интерес

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Слаб интерес кај пратениците за подготовка на евроинтеграцискиот процес. Многу мал број од пратениците одговориле за тоа што им е потребно за да бидат поподготвени за интеграциите на земјава во Европската унија.

Неда Малеска Сачмароска која е дел од ова истражување порача дека парламентот може да направи многу за да го одржи евроинтегративниот процес на агендата како и да ги држи во фокус реформите кои што треба да ги спроведеме.

„За жал стапката на одговор на пратениците за тоа што ним им треба е исклучителна ниска. Од вкупно 120 пратеници само 19 одговориле. Пратениците на владејачката гарнитура многу повеќе одговориле на прашалниците отколку пратениците на сегашната опозиција“, вели Неда Малеска Сачмароска.

Ермира Решиди од УНОПС Канцеларијата на Обединетите нации за проекти рече дека треба да се најде начин како да се поттикнат пратениците да имаат поголем интерес за учење на евроинтегративните предизвици.

„За жал немаме тука пратеници, ние сакавме тоа да го разговараме на овој форум, да добиеме повеќе информации кој е начинот на учење кои тие како пратеници ги преферираат и кое што нас ќе ни овозможи да воспоставиме некој поконтинуиран систем, поодржлив систем на континуирано учење“, вели Ермира Решиди.

Пратеничката Марија Петрушевска истакна дека потребно е поголемо разбирање на важноста на самиот процес на европска интеграција.

„Особено е важно дури и за нас како пратеници кога говориме за европската интеграција која што велиме дека е стратешки приоритет на земјата да знаеме и кога истата ја презентираме што тоа значи самиот процес, што значат договори на Европската унија, што значат новите договори кои што ги имаме потпишано“, вели Марија Петрушевска.

Истражувањето беше спроведено со поддршка на проектот „Поддршка на европската интеграција на Северна Македонија“ која го спроведува Канцеларијата на Обединетите нации за проекти УНОПС.