Привремената администрација во АЛТА банка АД Битола е заштитна мерка со која се обезбедуваат имотот на банката и заштедите на граѓаните до очекуваната промена на сопственоста. Ова го порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, нагласувајќи дека воведувањето администрација не значи затворање на банката, стечај или одземање на дозволата за работа.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Славески посочи дека АЛТА банка е ликвидна, високо капитализирана и има солиден квалитет на кредитното портфолио. Нејзиното работење продолжува под непосреден супервизорски надзор на Народната банка, но со привремени ограничувања.
Во однос на средствата на клиентите, гувернерот информира дека парите остануваат на нивните сметки, но пристапот до нив е ограничен според категоријата на клиентите.
Ограничувања за физичките лица
За физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за одлив на средства преку картички, односно за готовински подигања и плаќања кај трговци.
Од друга страна, внатрешните плаќања во рамките на банката остануваат неограничени.
Правните лица со ограничувања за повлекување средства
За правните лица привремено не е дозволен одлив на средства надвор од банката преку платните системи, ниту повлекување готовина од банкомати или шалтери.
Тие, сепак, ќе можат неограничено да вршат внатрешни плаќања кон други правни и физички лица кои имаат сметки во АЛТА банка.
Славески посочи дека целта на мерката е да се заштитат штедачите, имотот и стабилноста на банката до промената на сопственоста, за која очекува да се реализира наскоро.
Народната банка, како што наведе, континуирано ја следи состојбата, а јавноста навремено ќе биде информирана за сите понатамошни промени.
