Загрижени за состојбата и судбината на сопругот и нивниот татко, блиското семејство на екс припадникот на ОВК, кој е приведен во Македонија, Блерим Рамадани, дојдоа пред Основен суд во Скопје за да барат негово ослободување. Велат дека Блерим е приведен неправедно и под диктат на Србија. Протестот беше организиран од Здружението на воени ветерани на Ослободителната народна армија.
Секое задоцнување на ослободувањето на Блерим претставува навреда и потценување на војната за правда, вели организаторот на протестот.
Блиското семејство на Блерим Рамадани не можеа да соберат храброст за да зборуваат пред камерите, со цел да не му наштетат на судскиот процес.
Зад камерите рекоа дека Блерим долго време не влегол во Македонија, а единствената граница по која поминувал била таа со Албанија, но велат дека таму немал такви проблеми. Инаку, екс војникот на ОВК, Блерим Рамадани беше приведен во 17 јули на граничниот премин Јажинце. За него, како и за многу поранешни војници на ОВК, Србија издала меѓународна потерица. Рамадани моментално се наоѓа во 30 дневен притвор.
