Спасувачките операции во Словенија продолжија и денеска. Хеликоптерски единици извлекуваат луѓе во неколку села во словенечкиот регион Корушка, блиску до австриската граница. Во разорните поплави, кои во петокот ја погодија Словенија загинаа три лица. Голем дел од инфраструктурата е уништена, а има паднати мостови, срушени куќи.
Селото Црно е отсечено, бидејќи патиштата се целосно поплавени, но словенечката војска и полиција успеаја да стигне до него за да им донесат помош на жителите.
На друго место, реката Мура ја проби својата песочна заштита, поплавувајќи неколку други села во близина на Мезице во регионот Корушка.
Словенечката полиција соопшти дека околу 300 жители биле евакуирани од поплавеното село Краљеви Хриб и објави снимка од хеликоптери кои спасуваат голем број луѓе.
Ноќта помеѓу петокот и саботата била најкритична. Денеска, состојбата е нешто подобра, бидејќи водата го намалува водостојот. Градоначалникот на Дравоград, поплавите ги опиша како апокалипса.
„Во Дравоград имаше апокалипса од библиски размери. Немаме патни контакти со светот, патот до Марибор е затворен. Во Словењ Градец се урна мостот на главниот пат. Исто е и со патиштата кон Преваље, Межица, Црна. Тие места се отсечени од светот. Ноќта беше релативно мирна. Имаше пожарникари на терен. Дежураа цела ноќ. Вадеа наноси од под мостовите. Заштитија села, 120 луѓе беа евакуирани. Се грижевме за бројните туристи кои беа заглавени во Дравоград.“, вели Антон Прескавец, градоначалник на Дравоград.
Премиерот Роберт Голоб рече дека поплавите се „најголемата природна катастрофа“ во историјата на Словенија и предизвикаа штета проценета на половина милијарда евра. Две третини од земјата се погодени, рече Голоб.
Поплавите беа предизвикани од поројните дождови во петокот кои предизвикаа брзо излевање на реките, по што водената стихија брзо ги поплавила куќите, полиња и градовите.
Словенечката метеоролошка служба соопшти дека за помалку од еден ден паднал дожд еднаков на едномесечниот просек во оваа држава.
