Бојкотот во училиштата во Моране и во Чашка е политички монтиран процес. Вака министерката за образование Весна Јаневска во емисијата Клик плус на ТВ21 ги оцени состојбите во училиштето Наим Фрашери во кумановско Моране каде што веќе три недели има бојкот на наставата бидејќи не се дозволува одвојување на училиштето кое сега функционира во склоп на централното училиште во село Студеничани. Воедно имаше незадоволство и за училиштето во општина Чашка таму учениците Албанци од прво до петто одделение кои досега одеа во основното училиште „Тодор Јанев“ чекаат да се изгради новото училиште „Дитуриа“ а во меѓувреме посетуваат настава во џамијата.
-Ова е политички монтиран процес, како што беше политички монтиран процесот во Чашка. Училиштето во село Моране е централно училиште од истата општина. Нема никаква логика зошто бараат тие да станат одвоено училиште од централното училиште. Оттука сметам дека родителите се изманипулирани и сметам дека ова се е на штета на децата, на учениците, изјави министерката за образование, Весна Јаневска.
Министерката Јаневска вели дека во иднина нема да има многу вработувања наставници, бидејќи деца има се` помалку и нема потреба од нов кадар.
-Во идниот период и нема да има многу вработувања во образованието. Да ќе има поединечни потреби од поединечни наставници по одредени предмети, веројатно ќе има потреба од вработувања на стручната служба, но факт е дека во Македонија имаме премногу наставници, малку ученици. За жал демографските движења и иселувањата на луѓето од земјата, а и нискиот наталитет си го прават своето, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Инаку, наставниците за октомвриската плата добија 5 проценти зголемување а следното зголемување ќе биде во март идната година. Јаневска рече дека во февруари со СОНК ќе биде потпишан 4-годишен договор со кој се гарантира зголемување на платите секоја година и тоа од 7 до 10 проценти.
