Случај „Монструм“- каква е поврзаноста на автомобилот Опел Омега? Сведочеше шефот на МВР, како сведок предложен и Миле Јанакиески

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Која е врската меѓу автомобилот Опел Омега најден во близина на местото на петкратното убиство со случајот Монструм? За да одговори на ова прашање, денеска на судското рочиште за овој случај како сведок беше поканет шефот на секторот за надзор на местото на настанот при СВР Скопје, Горан Милошевски кој бил присутен на местото на настанот ноќта на 12 април 2012. Тој истакна дека таа ноќ при увидот не го видел тој автомобил.

„На 13 април на работа бев од 07 до 15 часот. Од никого не сум добил дојава дека во Враживир е најдено возило. Од старешината Владо Мирчевски, добив сознание дека во Враживир најверојатно е пронајдено возило поврзано со настанот на 12 април.“, вели Милошевски.

На прашањето како го поврзале автомобилот со убиството, Милошевски рече дека од Центарот за информирање и команди добиле известување за настанот и дека нивната надлежност бил само за увид на местото на настанот а не за поврзување на трагите. Адвокатот Насер Рауфи рече дека најдениот автомобил нема никаква врска со местото на настанот.

„Нас нè интересира кое е лицето кој го поврзал автомобилот со ова дело, тоа е круцијална работа. Вие знаете дека веднаш на 13 април, утредента, некој пријавил дека има еден автомобил, не знам од кој аспект го поврзал автомобилот со случајот имајќи ја предвид оддалеченоста од 18-20 километри. Не знам каде е тука логиката, а и другите докази укажуваат на тоа дека автомобилот нема никаква врска со местото на настанот.“, вели Рауфи.

Адвокатката на оштетените семејства рече дека денешниот исказ не откри ништо конкретно за случајот.

Одбраната достави список со предложени сведоци кои треба да се претстават на следните рочишта. Меѓу предложените сведоци на одбраната е и Миле Јанакиевски, за разговорот поврзан со екс министерката на МВР, Гордана Јанкуловска. Следното рочиште е закажано на 31 август. За убиството на 12 април 2012 година, каде беа убиени 5 млади момчиња, обвинети се Халил Демири и Африм Исмаиловиќ ( во бегство) и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Лута.