Случај „Монструм“, сведочеше сведокот на одбраната – Ставрев: „Подгответе се за завршните зборови“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Назиф Буши, сведок предложен од одбраната, на судското рочиште за Монструм рече дека го познава Сами Љута, еден од обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Сведокот Буши рече дека со Сами Љута живеат во иста населба, односно Љута живее во близина на неговите први братучеди. Буши вели дека Љута бил на свадба на братучедот и дека немал долга коса како што го опишал кодираниот сведок во својот исказ на првото судење за Монструм.

„Сами Љута живее близу до Сенад Буши, мој прв братучед. Љута беше повикан а свадба на мојот братучед и беше присутен на свадбата. Во тоа време Сами Љута имаше кратка коса, слично како што му е сега.“, рече Буши.

Вториот сведок Шевал Алити рече дека на денот на убиството бил кај Смилковското езеро со една девојка и 10 минути откако стигнал таму му се приближиле од единицата Алфи и побарале да не мрдаат неколку часа од таму бидејќи, како што рече, Алфите го известиле дека се случило убиство.

„Десет минути откако стигнав кај Смилковско езеро, дојде автомобил со двајца од Алфите. Се сеќавам беше темно, не се сеќавам точно а времето. Додека бев таму, не слушнав ништо, ниту пукање ниту ништо. Алфите ни земаа лични карти и ни рекоа да седиме во кола до 23.30.“, рече Алити.

За вториот сведок на одбраната, Шевал Алити, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека истиот дал изјава и во СЈО, но таа не го предложила за сведок бидејќи не кажал ништо суштинско за расчистување на случајот. Судењето за Монструм продолжува на 25 септември, за кога е предвидено да сведочат тројца сведоци предложени од одбраната, од кои еден е полициски службеник од единицата Алфи. Судијата Огнен Ставрев пред завршување на рочиштето ги извести страните дека за две рочишта треба да заврши постапката за сослушувањето сведоци и најави да ги подготват завршните зборови.