Случајот за Груби и Беџети во предистрага – Агелер: Луѓето не бегаат ако немаат што да кријат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предметот отворен против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети е во предистражна фаза, потврдуваат од Обвинителството за ТВ21. Случајот беше покренат откако двајцата завршија на американската црна листа, поради мито, со цел да се одолговлекува судскиот процес против Сашо Мијалков, за незаконското прислушување.

„Од Судскиот совет е обезбедена документацијата за дисциплинската постапка водена против наведениот судија. Интензивно се преземаат и други дејствија, меѓутоа со оглед на фазата во која се наоѓа постапката не може да се споделат детали за преземените дејствија.“, велат од Јавното обвинителство.

Против судијата Беџети беше покрената дисциплинска постапка во Судскиот совет за наводите дека тој држел предмети во фиока, но таа заврши без одлука за негово разрешување.

„Постапките се тајни според законот и не можам сега да споделувам детали.“, рече Камбовски.

Случајот го коментираше и американската амбасадорка Анџела Агелер. Таа истакна дека е добро што по последното надополнување на црната листа имало реакција кај институциите и потенцира дека доказите се тука.

„Доказите се тука, најголемиот дел од нив, не сите, но најголемиот дел да и можно е да се отвори предмет од она што е достапно тука и во регионот. Дали имаме надеж во Амбасадата тоа да се случи? Да, но исто така ние не го спроведуваме тука законот и јас нема никому да отворам врата со нога.“, изјави Агелер.

Во меѓувреме, Груби повеќе не е достапен за органите откако ја напушти земјава кога се отвораше истрагата за проневери во „Државна лотарија“. Агелер, во подкаст, истакна дека не знае каде се наоѓа Груби, но додаде дека луѓето не бегаат ако немаат што да кријат.

„Ако ништо лошо не сте направиле, а ова се однесува на сите што се под санкции или против кои се води било каков судски процес во земјава… ако немате што да криете, тогаш вратете се и докажете го тоа.“, изјави Агелер.

За Груби и семејството, како и Беџети, освен забраната за влез во САД, Вашингтон разгледува дополнителни санкции. Претходно, Агелер нагласи дека од осамостојувањето на земјава, САД инвестирале половина милијарда евра во правоусдтвото, но како што оцени, нема добар возврат на инвестицијата.