Смилевски честиташе за училиштето во Визбегово – од компанијата велат дека процедурите сè уште не се завршени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жителите на Визбегово долго време бараат изградба на основно училиште. Поранешниот градоначалник на Бутел, Велимир Смилевски, кој изгуби во првиот локалните избори, на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека е завршена електронската аукција за изградба на училиштето во Визбегово.

„На радост на жителите на Визбегово, заврши електронската аукција за изградба на Основното училиште. Избрана е фирмата Хилдинг Комерц ДООЕЛ експорт импорт Тетово за сума од 90.311.197 денари.  Аирлија да ни е училиштето !!!“, истакна Велимир Смилевски.

ТВ21 контактираше и со фирмата „Хилдинг Комерц“ која треба да го изгради училиштето. Од таму за ТВ21 велат дека се уште не се знае кога ќе почне изградбата бидејќи не се завршени сите тендерски постапки.

„Да, нашата компанија го доби тендерот за изградба на училиштето во Визбегово, Скопје – општина Бутел, првата фаза од тендерот е завршена на 02.11.2021 година, односно аукцијата, но се уште не се завршени сите постапки, во моментот кога ќе завршат ќе можеме да ви дадеме повеќе информации“, посочија од Хилдинг комерц.

Жителите на Визбегово за време на предизборната кампања протестираа и ги блокираа главните сообраќајни делници барајќи овој проблем да го реши идниот градоначалник, со цел нивните деца да не патуваат со километри за да одат на училиште во другите општини. Учениците на Визбегово секој ден поминуваат по околу 4 километри за да стасаат до најблиското училиште.