Снег на повисоките места, воведени ограничувања за сообраќај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сообраќајот на државните патишта низ земјава утрово се одвива во зимски услови, по влажни коловози, а на повисоките места во западните делови има мали остатоци од кашест снег на патот.

Според информациите од Автомото сојуз на Македонија, врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.

Забрани за тешки возила и автобуси

Поради врнежите од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на кракот Маврово – Дебар.

На патниот правец Тетово – Попова Шапка во сила е забрана за сообраќај за автобуси, додека за останатите видови возила задолжителна е употреба на зимска опрема.

Задолжителна зимска опрема

Од 15 ноември 2025 година започна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови. Оваа мерка ќе биде во сила до 15 март 2026 година.

Сообраќај и гранични премини

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите каде постои опасност од појава на одрони.

Посебна внимателност се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.