Пратеникот на Алијанса за Албанците, Халил Снопче во синоќешното издание на дебатниот магазин „Клик Плус“, рече дека собранискиот спикер, Талат Џафери, тактизира со неговата изјава околу албанскиот јазик. Како што вели, случајот за кој вчера реагираше опозициската коалиција Алијанса за Албанците-Алтернатива, е втор по ред кога станува збор за неспроведување на Законот за употреба на јазиците во законодавниот дом. Дебатирајќи со Арбр Адеми од редовите на ДУИ, Снопче рече дека првиот случај бил за законските измени на Законот за образование. Преводот на законот, како што уверува, го добиле 9 дена подоцна. Собранието не ги прифатило нивните амандмани на албански јазик, додека Комисијата пак, работела само со амандмани на македонски јазик.
„Само се тактизира и одговорот на собранискиот спикер го гледам во рамките на ова тактизирање. Ако највисоката институција во државата и претседателот на Собранието не настојуваат на спроведување на албанскиот јазик, тогаш што можеме да очекуваме од обичните шалтери? Што можеме да очекуваме од остварувањето на правата на граѓаните во секојдневниот живот кои нема да можат да го остварат правото за употреба на албанскиот јазик?“, рече Снопче.
Реагираше Адеми. Како што вели, собраниските служби се обврзани да ги преведат амандманите, но како што нагласи, можеби во случајов станува збор за недостиг на време поради што амандманите не стигнале да се преведат на албански.
„Воопшто не станува збор за тактизирање. Предлагачот може да достави амандмани, било на македонски, или албански јазик, а службите се обврзани да ги преведат. Зошто од албански мора да се преведат и на македонски? Бидејќи има пратеници Македонци кои треба да бидат запознаени со содржината на амандманот.“
Зборуваме за практично прашање?
Снопче: Со нас тоа не се случи, заинтересирај се…
Адеми: „Обврзани се да ги преведат. Можеби станува збор и за недостиг на искуство, бидејќи и јас првпат сум во Собрание“.
Опозициските пратеници алармираа дека албанскиот јазик не се спроведува и за време на емитувањето на пленарните седници и собраниските комисии, бидејќи пратениците Албанци додека говорат на нивниот мајчин јазик, на веб-страницата на собранискиот канал можат да се слушаат само со превод. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, одговарајќи на критиките, рече дека од Собранието снимката излегува на два канала – на оригиналниот и на македонскиот, но дека јавниот сервис одлучува кој канал ќе го пренесува на веб-страницата.
