Со 64 гласови „за“, ниту еден „против“ и „воздржан“ – Собранието го усвои дополнетиот ребаланс на буџетот за 2026 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предложениот ребаланс на буџетот обезбедува дополнително забрзување на капиталните инвестиции, поддршка на земјоделството, општините и развојните приоритети на Владата. Ова во образложението го истакна министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска која рече дека измените се насочени кон продолжување на политиките за економска стабилност и развој.

„Овие измени и дополнувања ги носиме во услови на изразена глобална неизвесност . Геополитичките случувања продолжуваат да влијаат врз светската економија а нивните ефекти се чувствуваат и врз домашните економски текови и врз реализација на буџетот за 2026 година. Затоа со предложените измени ги усогласуваме макроекономските претпоставки и фискалните проекции пред се на расходната страна на буџетот. Целта е да обезбедиме целосна реализација на стратешките приоритети, програмските определби до крајот на годината“, рече Гордана Димитриеска Кочоска.

Од опозицијата со критики кон ребалансот на буџетот. Ова докажува дека првичната проекција на буџетот за годинава е промашена, оцени Фатмир Битиќи од СДСМ.

„На 23 јули приходите изнесуваа 195,0 милијарди денари а расходите 234,4 милијарди денари. Разликата е 39,4 милијарди денари дефицит. Тоа значи дека веќе е надмината целата првично планирана годишна дефицитна рамка. Од старотото ветување за дефицит од 3,5% од бруто домашниот производ остана само еден политички спомен“, вели Фатмир Битиќи.

Неправилното буџетско планирање ќе предизвика долгорочни последици во економијата истакна Елми Азири од Албанската лига.

„Фискалниот дефицит што беше планиран во првичниот буџет беше потрошен за првите 6 месеци од годината што е школски пример за неуспех во планирањето. Додека со ревидирањето на буџетот тој ќе се зголеми од 3,5% на 4,1% од БДП. Дефицитот 46,264 милиони денари што претставува зголемување од 7,25 милиони денари или 17.9%“, вели Елми Азири.

Зошто не убедувавте дека проектираниот буџет е добар, а економијата се движи во вистинска насока, праша Халил Снопче од Алијанса за Албанците.

„Овој ребаланс е момент кога пропагандата се судира со реалноста. Со месеци слушавме ветувања за економски раст, историски инвестиции, подобар животен стандард и нов почеток. Но денес, самата Влада преку овој документ признава дека пресметките не излегоа како што биле планирани. Наместо конкретни резултати продолжуваме да слушаме оправдувања“, вели Халил Снопче.

Владата минатата недела го усвои дополнетиот ребаланс на буџетот со амандманите прифатени од Комисијата за финансирање и буџет. Расправата за корекцијата на државната каса, според Деловникот може да трае 5 дена.