Со сопствени возила тргнаа од Италија кон Македонија….
Веднаш штом слушнале дека Србија ги отвори границите, државјани на Македонија кои беа затекнати во Италија, решија да се вратат во нивната татковина. Но, нивниот план не излезе како што мислеа тие. Велат дека испратиле и-мејл во Конзулатот на Македонија во Италија дека ќе тргнат на пат и дека добиле одобрување.
„Да, имавме дозвола. Се регистриравме во Амбасадата во Италија, тие ни испратија и-мејл. Јас им вратив по 3 часа. Ме повика еден Македонец од Конзулатот во Венеција и ме праша во колку ќе тргнеме, на што јас му одговорив дека ќе тргнеме или во 11 или во 12 часот“, истакна Џеват Куртиши.
Џеват објаснува дека првиот проблем им се појавил кога пристигнале на унгарската граница. Бидејќи чекале со часови, се вратиле назад и се обиделе да влезат во Хрватска.
„Се вративме 200км преку Австрија. Се обидовме во Словенија, таму не ни дозволија. По вторпат ни дозволија во Хрватска“, посочи Џеват Куртиши.
Македонските државјани апелираат до сите оние кои сакаат со сопствено возила да се вратат во родната земја – пред да тргнат, добро да се информираат за состојбата на границите.
„Проблем е вака да тргнеш. Или нека се информираат добро или воопшто нека не тргнуваат. Досега патувавме 30 часа и сѐ уште сме во Србија. Имаме уште 8-9 часа до Македонија“, додаде Џеват Куртиши.
Заедно со Џеват тргнале уште 20 други државјани. Вицепремиерот Бујар Османи, за ТВ21 вели дека доцна синоќа бил известен дека на унгарската граница пристигнале македонски државјани, додавајќи дека направиле сѐ што можат за да ги вратат дома.
„Неколкупати предупредувавме дека со автомобил е тешко за транзит преку некои земји, бидејќи во моментов само оние кои ги организираме со автобуси можат да тргнат. Синоќа доцна откако ме информираа дека се блокирани во Унгарија, стапив во контакт со нашите институции и со Министерството за надворешни работи на Унгарија, од каде го повторија ставот дека транзитот преку Унгарија важи само за државјаните на ЕУ. Меѓутоа и покрај тоа, утрово одлучиле да ги пуштат тие возила, но според моите сознанија, тие веќе се упатиле кон друга дестинација и не ја дочекале одлуката на Унгарија“, истакна Бујар Османи.
Османи ги повикува државјаните на Македонија да не се враќаат без да се координираат со Владата. Во текот на денешниот ден, од Италија тргнаа неколку организирани автобуси со македонски државјани.
