Доколку координаторите на пратеничките групи не можат да изнајдат решение за деблокирање на законодавниот дом, тогаш ќе седнеме и ќе разговараме со лидерите на политичките партии, вели премиерот Зоран Заев. Тој додава дека утре ќе се сретне со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со цел да дознае детали околу тоа што се случува во институцијата со која раководи.
Но, вчера координаторот на пратеничката група на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, Скендер Реџепи, рече дека не гледа причина зошто Законот за државјанство не се решава во Собрание, додавајќи дека ако ова прашање се најде на лидерска средба, тогаш нема да останат само на барањето за Законот за државјанство.
„Секој член е променлив, секој член има простор за искрен и еднаков пристап, но сепак повелете да седнеме и да изнајдеме заедничко решение. Јас мислам дека може да се реши во Собрание ако има подготвеност, но доколку нема подготвеност во Собрание, лидерската средба или повисоките инстанции ќе добијат сосема други размери кои нема да останат само со Законот за државјанство, туку ќе повлечат со себе и други прашања“, истакна Скендер Реџепи.
Во меѓувреме, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика собранискиот спикер утре на дневен ред да стави четири закони кои се поврзани со корона-кризата, нудејќи кворум за нивното усвојување.
„Одлуката за продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради коронавирусот,
-Измените на законите за финансиска поддршка на работодавачите,
-Финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од корона-кризата,
-Измените на Законот за данокот на личен доход“, посочи Христијан Мицкоски.
Меѓу другото Мицкоски порача дека граѓаните не смеат да бидат заложници на неспособната Влада. Инаку, веќе неколку дена Собранието е под блокада, а една од причините е одлуката на албанската опозиција АА-ААА – преку амандмани да го блокира секој закон, сѐ додека не се изнајде решение за граѓаните без државјанство.
