Со лош превод, но со заеднички јазик, Заев и Рама со „шамар“ за ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Преводот од македонски на албански и обратно не беше добар. Прв реагираше премиерот Зоран Заев. Но тој кој што изгуби трпение беше албанскиот премиер Еди Рама.


Рама: Преведувачот не е добар. Ниту на македонски ниту на албански…

Имаше случај и кога преводот не беше целосен.


Преведувачот: Не фатив се…Рама: Јасно…


Но иако со преводот не ги добија целосните пораки еден до друг, двајцата премиери зборуваа на ист јазик за ставовите што ги имаат.
Ден откако се потврди блокадата од Бугарија кон Северна Македонија со што е блокирана и Албанија бидејќи се наоѓаат во ист евроинтегративен пакет, Заев и Рама со силни пораки на адреса на ЕУ.
Заев рече дека големата и визионерска Европа денес има проблем, а тоа е самата ЕУ која не успеа да најде начин на Западен Балкан да му ја обезбеди заслужената интеграција.


Секако не сме сами и нема да бидеме изолирани, рече Заев додавајќи дека Македонците и Албанците имаат ист пат, европските вредности а не политиката на ѕидови.


Алармот е вклучен. Суштината и европските вредности се во прашање, рече Заев. Одлуката на ЕУ за незакажување на првата меѓувладина конференција ја нарече разочарување и лоша порака за целиот регион.

Што се однесува до спорот со Бугарија, Заев рече дека интеграциите не можат да бидат пречка за билатералните прашања. Преговорите со ЕУ не можат да се претворат во преговори со Бугарија. Тој уверува дека за македонскиот идентитет никогаш нема дфа се преговара. Но ниту се откажува од решение.


Покрај критиките до Брисел, како Заев така и Рама истакнаа дека Европа останува единствена алтернатива и стратешка цел.


„Ние ја сакаме ЕУ, ги сакаме сите. Тие велат дека нè сакаат, но не се подготвени за брак. Во ред е. Да уживаме во слободата пред бракот“, посочи Рама.

Албанскиот премиер вели дека ЕУ може да додели задачи, рокови и датуми, но не ја одредува нашата позиција во Европа ниту европскиот идентитет.


„За мене не се случило ништо друго освен што ЕУ потфрли повторно во однос на ветувањето, да се држи до ангажманот и да биде на потребниот став“, истакна Рама.


Што и да се случи во Брисел, Рама изрази одлучност за подобрување на економијата, за гордоста, силата и достоинството на двата народа. Регионалната соработка ќе продолжи со сите држави од Западен Балкан.


„Претопувањето на границите меѓу нас, за да се претвори регионот во простор на целосно спроведување на четирите слободи на ЕУ, слобода на движење на луѓето, на стоката, на услугите и капиталот. Ние ќе продолжиме без прекин бидејќи сме многу мали држави за да имаме силни економии ако сме разделени, инаку ние сме доволно големи доколку заедно го претвориме регионот во заеднички економски простор“, додаде Рама.


Преведувач: Кажете ми го само првиот збор Ве молам
Рама: На здравје!