По вчерашните изјави на премиерот Мицкоски дека нема повеќе простор за идентитетски отстапки, и покрај цената во евроинтегративниот процес, лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, излезе со остри критики, барајќи референдум на кој, според него, граѓаните треба да одлучат дали сакаат да ја платат цената за политиките на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што рече, ја држат државата надвор од ЕУ.
„Затоа ова веќе не е политичко прашање. Ова е прашање на сите нас, за секој граѓанин, за нашите семејства. Едноставно прашање за нашата иднина. Ова, почитувани граѓани, е прашање за референдум. Не може Христијан Тино Мицкоски да одлучува за нашите судбини. Едноставно, доста е. Граѓаните мора да одлучат за ова. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја платат цената на овие погрешни политики на Мицкоски“, рече Филипче.
Филипче исто така ја обвини власта за лаги, манипулација со јавното мислење, неуспешно водење на државата, влошување на животниот стандард и отстапување од интеграцијата во ЕУ поради страв од одговорност за корупција и криминал.
Од Владата возвратија дека отворањето на фондовите од Реформската агенда за Македонија е јасен показател за европската ориентација на оваа Влада.
„Да не трошиме време и пари на граѓаните. Ние сме за ЕУ и тоа е наша стратешка ориентација, што и го правиме на дело. Впрочем, укинувањето на оценската мисија од Советот на ЕУ, отворањето на фондовите од Реформската агенда за Македонија е јасен показател за европската ориентација на оваа Влада. А, како изгледа кога СДС се залага за референдум без гаранции за европската иднина, граѓаните можеа да видат низ пластичен пример од последниот референдум организиран 2019-та година. Тие и денес продолжуваат да бидат меко ткиво на македонскиот идентитет“, велат од Владата.
Инаку, од независноста до денес, Македонија има одржано три референдуми: за независност во 1991 година, за територијална поделба во 2004 година и за Преспанскиот договор и промената на името во 2018 година.
