Индекс на конкурентност: Македонија бележи значајни резултати во делот на високотехнолошкиот извоз

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Центарот за истражување и креирање политики, во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, денес организираше настан посветен на конкурентноста, иновациите и дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан, на кој беше презентиран Индексот за конкурентност и иновации на Западен Балкан. Центарот за истражување и креирање политики е независен тинк-тенк кој работи на унапредување на јавните политики преку истражување, анализа и дијалог заснован на докази.

Индексот обезбедува компаративна анализа на капацитетите за иновации и конкурентност во регионот и нуди препораки за унапредување на јавните политики со цел поттикнување на одржлив и паметен економски раст.

Клучните наоди од Индексот покажуваат дека Северна Македонија бележи значајни резултати во делот на високотехнолошкиот извоз, додека Скопје се издвојува како главен центар на иновацискиот екосистем во државата, особено во областа на истражувањето и развојот, патентната активност и пристапот до ризичен капитал. Повеќе информации и клучните наоди од Индексот се достапни на: https://crpm.org.mk/product/balkan-subnational-innovation-competitiveness-index/.

Сепак, извештајот предупредува и на значителен јаз помеѓу главниот град и останатите региони во државата, како и на потребата од посилни регионално насочени политики што ќе поддржат технолошка модернизација, продуктивност, дигитализација и задржување на квалификуван кадар.

На настанот присуствуваа претставници на институции, меѓународни организации, бизнис секторот, академската заедница и граѓанското општество. Дискусиите беа фокусирани на улогата на иновациите во економскиот раст, инвестициите во истражување и развој, регионалната конкурентност и можностите што произлегуваат од европските политики и инструменти за поддршка на иновациите.

На присутните им се обратија Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Златко Перински, министер за локална самоуправа, Даниел Браун од Фондацијата Конрад Аденауер, Стивен Езел од Фондацијата за информатичка технологија и иновации (ITIF), Јелена Јаневска од Мрежата на националните асоцијации на локалните власти во Југоисточна Европа (NALAS), како и претставници на Центарот за истражување и креирање политики.