Преку велосипедизам кој поврза три града и две држави, детска смеа и музика, мали бизниси, креативни работилници, улични изведувачи и акробати, Струга овој викенд беше домаќин на завршната активност од програмата за Денот на Европа 2026. Настанот ја заокружи серијата настани што во текот на мај и почетокот на јуни се одржаа во повеќе градови низ земјата, под мотото „Наша Европа.” и Посилни заедно“, со порака до граѓаните да ја почувствуваат Европа во својот град.
Преку прекугранична велосипедска тура околу Охридското Езеро велосипедисти, институции, партнери и гости ја поминаа рутата Струга, Поградец, Охрид, Струга, носејќи порака за одржлива мобилност, активен животен стил, прекугранична соработка и отворени јавни простори што им припаѓаат на граѓаните.

Настанот беше организиран од Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, во соработка со Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија во Албанија, заедно со Општина Струга, Општина Поградец и Општина Охрид.
Во текот на денот, паралелно со велосипедската тура, Паркот на поезијата во Струга стана едно од најживите места во градот. Во велосипедската тура учествуваа и претставници на амбасадите на земјите членки на Европската Унија, предводени од Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, словенечкиот амбасадор Грегор Прескер и неговиот тим од Амбасадата на Словенија, Матијас Хуменбергер, заменик амбасадор на Австрија, како и претставници од Амбасадата на Словачка и Делегацијата на Европската Унија. За време на активностите во паркот, граѓаните имаа можност да уживаат во базарот на мали бизниси, детската програма, креативните работилници, друштвените игри, музика и ди-џеј сет, улични изведувачи и акробати. Програмата беше создадена како отворена покана за сите генерации, за семејства, деца, млади, локални креативци и посетители кои сакаа да поминат ден во духот на дружење, радост и европски вредности.

Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Бен Нупнау, истакна: „Оваа велосипедска тура го носи духот на Европа: отворена, инклузивна и секогаш во движење напред. Таа нè потсетува дека сме дел од истото патување и дека кога се движиме и педалираме заедно, можеме да постигнеме извонредни работи. Со изборот на две тркала наместо четири, покажуваме дека малите, одржливи избори можат да донесат големи промени за нашето здравје, нашата планета и нашите заедници. Од Струга, преку Поградец и Охрид, па назад до Струга, ова не е само тура околу езеро, туку круг на пријателство, соработка и заедничка посветеност на „Наша Европа“, во која сме „Посилни заедно““
Во реализацијата на програмата во Струга значајна улога имаше Општина Струга, со силна поддршка во создавањето на ова заедничко случување за градот. Во активностите беа вклучени и партнерите Здружение АКВА, “Youth for Struga”, ИНКА, ПХВ на Црвен крст Струга и Дуќан, а за музичката атмосфера се погрижи “Rootboy Selector”.

Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, истакна дека Струга е жив пример за европските вредности во секојдневниот живот. „Струга е жив доказ дека овие вредности не се само теорија. Струга е град во кој различните култури, јазици и традиции не нè разделуваат, туку нè прават посилни. Град во кој соживотот е начин на живот, а не само слоган. Стружани ја сакаат Европа, затоа што Европа сме самите ние, во начинот на кој се почитуваме едни со други, во начинот на кој соработуваме и ја градиме иднината за нашите деца“, изјави градоначалникот Ќура.
Како дел од прославата беше отворена и изложбата „Еуро Вело: Најдобрите европски рути за велосипедски патувања“, посветена на европската мрежа на велосипедски рути и промоцијата на одржлива мобилност и активен туризам. Изложените фотографии се дело на фотографот и велосипедист Симон Тред и се преземени од проектот https://www.cyclingthread.com/CyclingThread платформа посветена на велосипедски патувања и рути низ Европа и светот.
Со завршниот настан во Струга, Јуроп хаус ја заокружи програмата за Денот на Европа 2026, која низ мај и почетокот на јуни донесе активности во повеќе градови. Дел од програмата беа и #TeamEurope, или поточно амбасадите на земјите членки на Европската Унија во Северна Македонија.

Во Скопје, Градскиот парк беше претворен во вистински европски простор преку настанот „Уживај ја Европа во градскиот парк“, со еко-бизниси, саем на цвеќе, “slow food”, маалски бувљак, “food corner”, игри на отворено од земјите членки на ЕУ и целодневна музичка програма. Во Велес, преку активноста „Растеме заедно“, волонтери, студенти, граѓани и амбасадори заедно садеа дрвја во опожареното подрачје околу езерото Младост. Во Битола, платото пред Јуроп хаус беше исполнето со музика преку концертот на отворено на Фанк Шуи, како дел од програмата „Уживај ја Европа со музика“.
Европската приказна продолжи и во Тетово, каде што настанот „Уживај ја Европа со книга“ донесе саем на книгата, панел-дискусии, размена на книги, музика во живо и детска програма. Во Штип, младинскиот настан „Откриј ги можностите“ понуди саем за студирање, мобилност и музичка програма, со фокус на младите и нивните идни можности.

Сите овие активности беа дел од заедничката програма на Јуроп хаус, предводена од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, со поддршка на #TeamEurope. Преку култура, спорт, екологија, книги, музика, младинско учество и локални иницијативи, Денот на Европа 2026 беше одбележан како месец на отворени настани, локална соработка и заеднички европски вредности.
Од Скопје, Велес, Битола, Тетово, Штип, Охрид, Кочани и Гевгелија, па сè до завршниот настан во Струга, пораката беше иста: Европа не се слави само на еден ден. Таа се гради секојдневно, преку луѓето, градовите, идеите и заедничките активности што нè прават посилни заедно.

