Собранието се претвори во бојно поле меѓу партиите за тоа чии предлог закони да се усвојат прво. ДУИ инсистира да се усвои законот за игри на среќа, за ветинг и за измена на границите на изборните единици пред распуштање на Собранието. Пратеникот Артан Груби бара поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, а рече дека доколку законите не се усвојат од овој парламентарен состав, истите ќе останат и во изборната програма.
„Законот за ветинг го доставивме до ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ пред неколку месеци, можеби пред шест месеци. Законот за игри на среќа е подготвен веќе една година. Затоа, се надевам СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но и другите политички партии да ја земаат предвид позитивната иницијатива на ДУИ и потребите на граѓаните и да ги прифатат овие иницијативи“, истакна Артан Груби.
Од СДСМ му одговорија на Груби. Му дадоа поддршка но сметаат дека за нив приоритет е законот за ЈО.
Од албанската опозиција изразија подготвеност да гласаат за законот за игри на среќа и за промена на границите на изборните единици. Пратениците на АА, Сурија Рашиди и Фадиљ Зендели од Беса апелираа за гласање на истите бидејќи тоа било за доброто на граѓаните.
„Претходниот став на АА е прашањето на игрите на среќа да се реши на тој начин што тие ќе бидат дислоцирани 3 км од населените места. Овој закон токму тоа и го бара“, посочи Сурија Рашиди.
„Отворено пред јавноста ја искажувам поддршката на двајцата пратеника на Беса за овој предлог закон. Ги поддржувавме активностите на организацијата Анти-коцкање но треба да се гледа и волјата на политичките партии дали се подготвени овој предлог закон да стане реалност“, додаде Фадиљ Зендели .
Но иако седницата на Комисијата за финансии и буџет, каде на дневен ред беше и законот за игри на среќа, беше закажана за денеска во 15ч но се одложи за утре. Со предлог законот се предвидува објектите за игри на среќа да бидат 3км оддалечени од населени места и од училиштата. Движење против коцкање им се закани на политичките партии дека доколку не го изгласаат ова законско решение, ќе ги бојкотираат изборите на 12 април.
