Собранието изгласа реконструкција на Владата: Разрешени седум министри

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата доби нов состав откако Собранието денеска на 112. седница ги изгласа предлозите за разрешување на дел од министрите и замениците министри, поднесени од премиерот Христијан Мицкоски.

Со одлуката од функциите се разрешени министрите за правда Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците Игор Стоиљковиќ, за здравство Азир Алиу, за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, за локална самоуправа Златко Перински, како и министерот без ресор Шабан Салиу.

Разрешени се и замениците министри Ѓоко Велковски во Министерството за социјална политика, демографија и млади и Седат Сулејмани во Министерството за култура и туризам.

Образложувајќи ги промените, премиерот Мицкоски порача дека реконструкцијата е дел од принципот според кој Владата треба да биде насочена кон резултати, а не кон зачувување на функциите.

„Од првиот ден кога ја презедовме одговорноста кажав дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор, туку Влада на резултати. Функциите не се стекнато право, туку обврска која секој ден повторно мора да се заслужува“, изјави Мицкоски пред пратениците.

Тој нагласи дека функцијата не е цел сама по себе, туку средство преку кое треба да се служи на граѓаните.

Според премиерот, разрешувањето на министрите не значи негирање на нивниот досегашен ангажман, туку отворање нова етапа во работата на Владата.

„Денес не се збогуваме со луѓе кои не работеле, туку со луѓе кои во различни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните ни ја дадоа довербата“, рече Мицкоски.

Тој им се заблагодари на досегашните членови на Владата за нивната работа, посочувајќи дека промените се направени со цел да се продолжи со реализација на владините политики.