Собранието ја избра Мери Дика за судија на Уставниот суд

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собранието денеска ја избра Мери Дика Георгиевска за нов судија на Уставниот суд, откако предлогот доби поддршка од 64 пратеници.

Одлуката ја соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши, по спроведеното гласање.

„Судија на Уставниот суд се избира со мнозинство гласови. Предлогот Мери Дика Георгиевска да биде избрана за судија на Уставниот суд го ставам на гласање. 64 гласа за, нема воздржани ниту против. Дика Георгиевска е избрана за судија на Уставниот суд“, изјави Гаши.

По изборот, Георгиевска даде свечена заклетва пред пратениците, со што и официјално ја презеде функцијата судија на Уставниот суд.

Мери Дика Георгиевска е дипломиран правник на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде дипломирала во 1985 година, а магистерските студии по правни науки ги завршила на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје во 2014 година. Правосудниот испит го положила во 1987 година.

Професионалната кариера ја започнала како адвокатски приправник и стручен соработник, а потоа работела како адвокат во сопствена канцеларија. Од 1996 до 2005 година била судија во Основниот суд Скопје II, по што кариерата ја продолжила во Апелациониот суд Скопје.

Во периодот од 2012 до 2018 година беше член на Судскиот совет, а по завршувањето на мандатот повторно се врати во Апелациониот суд. Во 2023 година беше избрана за претседател на Апелациониот суд Скопје.

Во текот на својата кариера извршувала и функција претседател на стопанските оддели во Основниот и Апелациониот суд, а покрај македонскиот, активно го познава и англискиот јазик.