Софија ја затвори вратата за нови преговарања: Доцова до Гаши – европскиот пат останува врзан за договореното

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија нема намера повторно да отвора преговори за веќе договорените обврски на Северна Македонија на патот кон ЕУ. Оваа порака, според информациите од средбата меѓу претседателот на македонското Собрание Африм Гаши и претседателката на бугарскиот парламент Михаела Доцова, била јасно пренесена во Софија, каде двајцата парламентарни лидери разговараа за билатералните односи и евроинтегративниот процес.

Средбата се одржа во рамки на средбата на пленарната седница на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а Гаши претходно најави дека ќе ги повтори добро познатите македонски позиции во однос на уставните измени и европската перспектива на земјата. Тој во пресрет на посетата порача дека иднината треба да ги поврзува двете држави, а не минатото, и дека е потребно да се гради подобра парламентарна комуникација.

Според пораките што произлегуваат од разговорите, бугарската страна останува на ставот дека рамката договорена меѓу Скопје и Софија не е предмет на нови преговори. Тоа практично значи дека Бугарија очекува исполнување на преземените обврски без дополнителни политички договори или ревидирање на веќе усогласените позиции.

И покрај разликите околу клучните прашања, двете страни изразиле подготвеност за обновување на парламентарната соработка, која во изминатите години беше ограничена поради честите политички кризи и изборни циклуси во Бугарија.