СОНК: Наставата не смее да зависи од греењето – „Училиштата немаат, а родителите имаат да плаќаат струја за онлајн настава“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура ги повика Владата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа заедно да изнајдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков за ТВ21 вели дека овие две институции треба сериозно да пристапат на овој проблем, бидејќи, како што рече доколку наставата се одвива онлајн личните трошоци на наставниците би се зголемиле.

„Сите предлози според мене се добредојдени, меѓутоа на смееме да заборавиме под број еден квалитетот на наставата, под број два интересот на луѓето кои што ја реализираат наставата, а тоа се практично и наставниците. Од тој аспект ние и побаравме овие две надлежни институции многу сериозно да пристапат, се разбира да не вклучат и нас во изнаоѓање на решение бидејќи наставниците евентуално ако би работеле од дома би правеле лични, сопствени трошоци кои што не ни одат нас во прилог“, вели Јаким Неделков.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак порачаа дека настава со физичко присуство мора да има. Велат, ако Владата има пари за луксузни автомобили и скапи патувања, тогаш мора да најде и за непречено одвивање на наставата.

„Ако Владата има пари за нови автомобили во време на криза, за скапи прослави на рамковни договори, скапи, безпотребни патувања и за слични нелогичности тогаш мора да има пари и за непречено работење на училиштата, со затоплување и се’ друго што е неопходно. Во спротивно, трошокот за струјата, оди на семејствата. При онлајн настава родителите ќе плаќаат за вклучени компјутери, таблети, греалки во детските соби…“, вели Весна Јаневска.

Вчера и од Владата нагласија дека во интерес на учениците е настава со физичко присуство и додаде дека нема промена во начинот на нејзината реализација.

Идејата за продолжување на распустот или воведување онлајн настава со цел надминување на економската и енергетска криза доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, а за неа се разговараше и на седницата на Советот за развој на Полошкиот плански регион.