Сопственикот на швајцарскиот бар „Ле Констеласион“, кој беше зафатен во смртоносниот пожар во Кран Монтана, повторно се најде во центарот на вниманието на јавноста, но овојпат поради одвоен случај поврзан со неговиот приватен живот.
Жак Морети е приведен под сомнение дека физички ја нападнал неговата сопруга Џесика Морети. Според швајцарските медиуми, инцидентот се случил во ноќта меѓу 11 и 12 август во домот на брачниот пар во кантонот Вале.
По пријавениот напад, Морети бил уапсен и задржан во притвор, додека неговата сопруга се здобила со повреди поради кои била хоспитализирана.
Засега не се познати сите детали за инцидентот, ниту точната правна квалификација на делото за кое се сомничи Морети. Швајцарските медиуми наведуваат дека тој досега немал позната историја на слични инциденти и важи за невин сè додека не се докаже спротивното.
Адвокатите на Жак и Џесика Морети, Јаел Аја, Николас Мејет и Патрик Мишо, нагласуваат дека овој случај се води како целосно одвоена постапка од истрагата за пожарот во „Ле Констеласион“.
Тие посочуваат дека станува збор за настани поврзани исклучиво со приватниот живот на брачниот пар и поради тоа не сакаат да ги коментираат деталите.
Адвокатите додаваат дека инцидентот се случил во период кој за семејството Морети претставува „исклучително тежок период“, по трагедијата што го потресе Кран Монтана.
Жак Морети е меѓу главните обвинети во постапката поврзана со пожарот што на 1 јануари годинава го зафати „Ле Констеласион“ во познатиот швајцарски скијачки центар.
Во трагичниот пожар загинаа 41 лице, а 115 беа повредени.
Жак и Џесика Морети се меѓу вкупно 16 обвинети во случајот. Тие, меѓу другото, се товарат за убиство од небрежност, предизвикување пожар и нанесување тешки телесни повреди од невнимание.
Судењето за трагедијата сè уште не е започнато.
