Косово и Грција одлучија да се изолираат поради состојбата со коронавирус. Грција прогласи карантин до крајот на месецот, а Косово забрани влез и излез до понеделник од 7 градови, меѓу кои и од Приштина. Но, иако нашата земја доминира по бројот на заразени и смртните случаи како последица на коронавирус, сѐ уште нема ништо од воведување полициски час или карантин. Здравствените власти сметаат дека клучот за борба против коронавирусот, е почитувањето на донесените мерки.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ постојано со обвинувања на адреса на министерот за здравство, Венко Филипче дека лошо управува со пандемијата. Од партијата бараат оставка од министерот, со образложение дека нема ниту еден слободен кревет во ковид-болниците и дека пациентите се лекуваат во дворовите на болниците.
Со оглед на тоа што Инфективните клиники и ковид-центрите се исполнети, Министерството одлучи за третирање на заразените пациенти да се стават на располагање и Интерните клиники со капацитет од 150 легла.
„Интерните клиники се ставаат во функција на лекување и ковид пациенти со 150 болнички кревети. Го зголемуваме сместувачкиот капацитет за пациенти заразени со Ковид-19, тоа нема да го поремети нормалното функционирање на сите овие клиники“, посочи Венко Филипче.
Инаку, на Инфективна во Скопје се лекуваат 150 пациенти, а во другите градови бројот на хоспитализирани е над 700 пациенти. Вчера, директорката на Инфективната клиника-Скопје, Милена Стевановиќ, рече дека штом еден пациент ќе биде отпуштен од болницата, веднаш на негово место се сместува друг. Во просек, потребни се 16 дена за еден пациент со средна клиничка слика да се излекува од Ковид-19, додека лекувањето на оние кои се во потешка здравствена состојба, бара повеќе време поради последиците што ги оставила инфекцијата, објаснува Стевановиќ. Изминатиов период, Филипче со директорите на сите интерни клиники одржа повеќе координативни состаноци, медицинските тимови се подготвени да работат и со ковид-пациенти, а да ги вршат и тековните прегледи и интервенции закажани преку Мој термин. Инаку , обезбедени се вкупно 187 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19. Вкупно 136 лица донирале плазма, со која досега се третирани околу 170 пациенти со ковид-19.
