„Ама ве молам бидете малку воспитана и културна, не можете на секој збор да дофрлате…Ако сте уличарка ние не мораме тука да ве трпиме.“, рече Арсовска.
Со овие зборови се обрати градоначалничката Данела Арсовска кон советничката од СДСМ Љубица Јанчева, одговарајќи на нејзиното прашање за финансиската состојба на Градот и дискусијата зошто Арсовска не дава извод од дневна состојба на сметките.
„Јас се извинувам ако го спуштив нивото, меѓутоа тоа не е мој начин на дискусија. Јас не користам збор лажеш, меѓутоа од денеска ќе морам бидејќи градоначалничката лаже. Градоначалничката вели дека таа е во право, кој ви кажа дека сте во право? Сабајле кога ќе станете во огледало кога се гледате? Граѓаните поинаку велат“, изјави Јанчева.
„Значи не е спуштено нивото, вие сте под секое ниво. Пробушено е дното, таму каде што сте.“, рече Арсовска.
Градоначалничката вели дека Градот е во одлична финансиска состојба и нема блокирана сметка, но на седницата не ги донесе финансиските извештаи кои ги бараа советниците.
„Тука сте направиле една така прекрасна коалиција против граѓаните затоа што никој од вас за граѓаните не работи.“, ијави Арсовска.
Советниците денеска повторно одбија долгорочно задолжување на Градот за нови еко-автобуси, но прифатија да се стави точка на дневен ред за субвенции за клима-уреди и субвенции за замена на азбестните покриви за социјално загрозените граѓани.
„Целосно сте нефункционални, не си ги заслужувате паушалите, секој месец по 500 евра од човек плаќа секој граѓанин за вас тука, за да дојдете да седите да попувате и да продавате политика и да не ги поддржувате сите оние работи кои на нив им се неопходни.“, вели Арсовска.
На седницата се дискутираше за финансиската состојба на Градот, јавните претпријатија како и состојбата со изгорениот мост „Беласица“.
