Спасено повредено лице на Пелистер

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска, во 12:04 часот, преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава за повредено лице кое се наоѓало на непристапен терен над Мало Езеро, под антените на Пелистер.

Лицето се здобило со скршеници на двете потколеници и било во свесна состојба, но при движење имало и крварење.
Веднаш по приемот на пријавата, преку ПОРКОА РЦУК Битола беа известени сите надлежни служби, меѓу кои Итната медицинска помош, СВР Битола, ДЗС Битола, ТППЕ Битола и Националниот парк „Пелистер“.

Екипа на ДЗС Битола веднаш се упатила кон повреденото лице, додека Националниот парк „Пелистер“ ја активира ренџерската служба.

Поради непристапноста на теренот, беше побарана и воздушна поддршка за транспорт на повредениот. Во меѓувреме, тимот на ДЗС Битола успеал да стигне до повреденото лице и со теренско возило започнал негов транспорт.

Во 13:45 часот, екипите на ДЗС Битола и Националниот парк „Пелистер“ се пресретнале кај м.в. Ловечка Куќа, каде што лекар од Итната медицинска помош Битола му укажал медицинска помош на повредениот.

По укажаната медицинска помош, повреденото лице ќе биде транспортирано до Инфоцентарот на Пелистер, каде што ќе биде преземено од екипа на Итната медицинска помош Битола и транспортирано до Клиничката болница во Битола за понатамошно лекување.

Центарот за управување со кризи ја координираше интервенцијата и останува во комуникација со сите надлежни служби до целосното завршување на транспортот.

ФОТО: Илустрација