Спасовски: 250 илјади вработени можат да добијат минимална плата од 14.500 денари за април и мај

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот на техничката влада Оливер Спасовски рече дека Владата ќе финансира за сите фирми минимална плата за сите вработени од 14.500 денари во месеците април и мај. Фирмите кои ќе имаат проблеми треба да аплицираат за оваа помош до УЈП. Исто така може да се аплицира и за субвенционирање на 50% од придонесите во следните два месеци.

„Ова се мерки кои ги помагаат сите кои се погодени од кризата. За секоја категорија стопански субјекти, за сите граѓани се креирани мерки кои ќе им овозможат полесно да ја надминат кризата. Директната помош од 14.500 помош за секој вработен за април и мај, од сите фирми, ќе ги спасува работните места.

Оваа мерка ја донесовме за сите фирми од приватниот сектор, погодени од кризата за исплата на платите на месеците април и мај, со што практично стапуваат во сила за сеопфатна и директна поддршка за работодавачите. Ова е директна мека за зачувување на работните места и за зачувување на работните процеси.

Во мерката очекувам да бидат опфатени 250 000 работници. Сумата кои компаниите ќе ја добијат е 29.000 денари по работник за двата месеци.

Доколку работник бил ангажиран на полно работно време, ќе му биде исплатен целиот износ. А, доколку бил ангажиран со скратено работно време, ќе му биде исплатен сразмерен износ.

Секоја компанија која има потреба од помош, однесува барање за финансиска поддршка до УЈП која е задолжена веднаш да ги утврди формата и содржувањето на поддршката. Барањето се поднесува електронски до 5-ти во месецот, за минатиот месец“, рече Спасовски кој додаде дека една фирма не може да аплицира и за двете субвенции, односно или за минимални плати или за 50% од придонесите.

Работодавачите кои ќе имаат право на едната или другата мерка, не треба да отпуштаат работници во следните четири месеци. Спасовски исто така рече дека невработеноста не е драстично зголемена периодов и упати апел до работниците да не потпишуваат спогодбени раскини.