Спасовски во Арачиново, како премиер или? – Политиката и во здравството, препукувања помеѓу Филипче и Зибери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оливер Спасовски беше во Арачиново во надзор на работите за изградба на канализацијата. За активноста најавата пристигна од Владата, а Спасовски цело време зборуваше за проектите како премиер. Меѓутоа, пред овој настан се делеа маски кои послужија како пропаганден материјал на коалицијата „Можеме“ каде Спасовски е носител на листа. Кога ТВ21 го праша дали може да ни објасни зошто се злоупотребуваат владини активности за делење пропаганден материјал, тој рече дека маските може да ги дели некој партиски симпатизер и дека тој не е одговорен за тоа.

Од друга страна, директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери на социјалните мрежи напиша дека влијаел на одлуката за отворање на границите за да им се отвори патот на печалбарите да се вратат во татковината да гласаат за кандидатот за премиер кго го предложи партијата чиј член е самиот тој

„Јас како член на Комисијата за заразни болести и другите членови, придонесовме границите да се отворат и луѓето да можат да се движат слободно без протоколите кои ги препорачуваше СЗО . Зошто да не дојдат во татковината, за премиер Албанец!“, истакна Арбен Зибери.

Поради тоа, министерот за здравство Венко Филипче рече дека ќе го разгледа разрешувањето на Зибери од позицијата директор.

Реагираше и Зибери.

„Министре Филипче, престанете да ја злоупотребувате говорницата на Владата за  изборни цели. Јас сум кандидат за пратеник и имам право на личниот Фејсбук профил да имам политички ставови, а освен тоа во ниту еден момент не сум ја злоупотребил институцијата со која раководам, нешто што за жал го прави министерот Филипче со овие изјави со изборна позадина“, посочува Зибери.

За двата случаи ја прашавме Антикорупциска.

За случајот со Спасовски, рекоа дека не се запознаени. Во случај да обезбедат материјали дека се делени маски, ќе го разгледаат случајот и ќе донесат одлука. За вториот случај рекоа дека оствариле средба и е оценето дека:

„Директорот може да направи прекршување на законот доколку изборната кампања ја реализира во тек на работно време, независно од тоа што тоа го направил на социјалните мрежи или на работното место“.

„Министерот има право да го разреши Зибери доколку забележи дека го прекршил законот, бидејќи Изборниот законик не забранува разрешувања, туку забранува прекин на договорот за работа и нови вработувањата“.

Зибери статусот го напишал во 21:00 часот. Инаку, Изборниот законик предвидува во текот на изборната кампања државните функционери дека не можат да реализираат промоции за почеток или завршување на проекти.