Спор меѓу ДУИ и Општина Чаир за штетите од поплавите! Опозицијата бара обештетување, општината вели дека процедурите се започнати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Советниците од ДУИ во Општина Чаир побараа итно распишување јавен повик за евидентирање и обештетување на штетите предизвикани од обилните врнежи од дожд. Тие бараат Комисијата за проценка на штети веднаш да започне со работа на терен и граѓаните да бидат обештетени без одложување. ДУИ, исто така, бара институционална одговорност за, како што велат, настанатата состојба, отворајќи прашања за недостигот на инфраструктура за заштита од поплави.

„На вчерашната седница на Советот на Општина Чаир, ние, советниците од ДУИ, побаравме од општината веднаш да објави јавен повик за евидентирање и обештетување на штетите предизвикани од последните поплави. Граѓаните на Чаир немаат потреба од оправдувања. Тие имаат потреба од акција. Десетици семејства и бизниси претрпеа сериозни штети, а институциите сè уште немаат јасен план како ќе се справат со последиците. Затоа побаравме Комисијата за проценка на штети веднаш да започне со работа на терен, да ја евидентира секоја штета и постапките да се завршат во најкраток можен рок, со цел граѓаните што побрзо да бидат обештетени“, изјави Верона Алиу од ДУИ.

Општина Чаир ги отфрли наводите на опозициските советници, истакнувајќи дека Комисијата за проценка на штети од природни непогоди е формирана уште во мај. Според општината, веднаш по врнежите надлежните екипи излегле на терен и започнало евидентирањето на штетите. Оттаму наведуваат дека процедурите за проценка и обештетување се спроведуваат согласно закон, обвинувајќи ја опозицијата дека бара мерки кои веќе се преземени.

ОПШТИНА ЧАИР:

„Веднаш по обилните врнежи, екипите на Општина Чаир, Кризниот штаб, јавните претпријатија и надлежните институции излегоа на терен и интервенираа на сите локации каде што имаше потреба. Паралелно започна евидентирањето на настанатите штети, а Комисијата ќе продолжи со постапките за нивна проценка и обработка согласно методологијата и законските рокови. Од ова произлегува дека советниците од опозицијата бараат да се направи нешто што е веќе направено уште во мај годинава. Комисијата е формирана со одлука на Советот на Општина Чаир, што значи дека сите советници, вклучително и опозициските, биле запознаени со нејзиното формирање.“

Да потсетиме, обилните врнежи од дожд што пред два дена го зафатија Скопје и особено Општина Чаир предизвикаа поплави на улици, дворови, куќи и деловни објекти, оставајќи материјални штети. Граѓаните пријавуваа отежнат сообраќај и оштетувања на имот, додека екипите на општината и надлежните институции интервенираа на терен за расчистување на погодените подрачја. По поплавите, се засилуваат повиците за евидентирање на штетите, обештетување на граѓаните и преземање мерки за спречување на слични ситуации во иднина.