Претседателот Стево Пендаровски им дава право и на премиерот Димитар Ковачевски како и на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за процесот на уставни измени. Шефот на државата вели дека премиерот е во право кога тврди дека опозицијата го сменила ставот неколку дена по лидерската средба за ова прашање.
Од друга страна, Пендаровски вели дека во право е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со барањето уставните измени да имаат одложено дејство, значи да не стапат на сила се до полноправното членство на РСМ во ЕУ, но тоа според Пендаровски е нереално барање.
Пендаровски истакна дека се надева дека ваквиот став на опозицијата нема да биде само изговор за неостварување на уставните измени, а додаде дека навистина бил изненаден кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ покажала подготвеност за уставните измени, дури и да стане дел од Владата.
Пендаровски не е оптимист дека ќе се направат уставните измени до одржувањето на процесот Брдо-Бриони, поради тоа што, како што објасни, процесот се одржува во втората половина на септември, а на земјата и требаат најмалку 3.5 месеци за уставните измени.
