Има ли простор за страв поради тоа што Северна Македонија се најде на листата непријателски земји прогласени од Русија? Шефот на дипломатијата, Бујар Османи во емисијата „Клик Плус“, рече дека овој факт треба да нѐ загрижува, но додава дека нема информации за директни закани за земјава и регионот. Османи вели дека е во комуникација со регионалните и меѓународните фактори и дека нема веродостојни информации за непосредни закани или подготовки за ескалација на состојбата меѓу Косово и Србија или, пак во Босна и Херцеговина.
-Страв? Зависи што подразбираме под тоа, но користењето на реториката на нуклеарно оружје, било и во меѓусебни политички закани, не е нешто што сме го виделе порано во овој однос. Секако дека нѐ загрижува сите, бидејќи се зголемува степенот на заканите. Кога се влегува во ваква реторика, лека-полека таа станува дел од нормална комуникација, нормални закани, и не се знае каде ѝ е крајот. Потоа, имаме и загрозени зони во регионот. Западен Балкан е ранлива точка на континентот со потенцијал за ескалација, рече Османи.
Сепак, треба да бидеме внимателни во овој правец, вели Османи. Што се однесува до Украина и Палестина, шефот на дипломатијата вели дека не треба да се прави аналогија меѓу конфликтот Русија-Украина и конфликтот Израел-Палестина. Како што додава, со тоа што не зазема ничија страна, ја штити земјата и нашиот праг.
-Ова што се случува, кога една независна држава окупира друга независна држава во Европа, се кршат начелата со кои се брани нашата земја. Кога ова начело ќе биде прекршено, ако победи Русија со Украина, ако победува и натаму, ќе дојде и до нашиот праг. Ние го браниме нашиот, а не прагот на Украина или на Палестина, туку нашиот интерес, а со тоа и начелото за меѓународно право кое ги штити независните држави, вели Османи.
Инаку, Османи потсети дека без оглед на барањата на украинската амбасада, доколку некој македонски државјанин одлучи да оди и да се бори во Украина, треба да знае дека Кривичниот законик на Северна Македонија ги осудува своите граѓани кои учествуваат во странски војни.
