Резултатите од ПИСА и оваа година слаби – според министерката, виновни се претходните реформи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Резултатите од ПИСА и оваа година се многу слаби, а министерката за образование, Весна Јаневска вината за тоа ја гледа во реформите што биле спроведени претходно. „Ние дојдовме на власт во 2024 година и само шест месеци подоцна, во 2025 година, беа спроведени овие тестирања“, изјави таа. Петнаесетгодишните ученици имаат послаби резултати по математика во споредба со 2022 година, додека резултатите по читање и природни науки остануваат речиси на исто ниво.

„За жал, 2001 година сме имале подобри резултати во читање и разбирање. Најдобри резултати имавме во 2018 година, што аставниците и анализата вели дека е резултат на реформата „Кембриџ“. Резултатите на оваа реформа, која во моментов се прави, ќе ја видиме тогаш, кога овие ученици ќе наполнат 15 години, што значи некаде за 9-10 години. За жал, не станува збор само за програмите. Мора да обрнеме многу повеќе и внимание и на другите елементи што го сочинуваат образовниот систем“, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Постојат тези дека технологијата има значително влијание врз овие резултати на глобално ниво, рече Јаневска, говорејќи за слабите резултати.

„Да, постојат и тези дека технологијата има значајно влијание на ваквите резултати, глобално. Но постојат и други тези, дека целата општествена ситуација во одредени земји, глобалната ситуација, значајно влијаат. Сè уште не можеме да тврдиме дека само вештачката интелигенција дава сериозен придонес на ова. Можеби повеќе социјалните мрежи, неконтролираната употреба на телефоните и таблетите“, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Според резултатите од меѓународното тестирање ПИСА 2025, на тестот по математика само 32 проценти од учениците достигнале најмалку основно ниво на знаење. По природни науки, околу 36 проценти од учениците во земјата ги совладале основните концепти. Во извештајот се нагласува дека во оваа област ниту еден ученик не ги достигнал највисоките нивоа 5 или 6. Во меѓувреме, само околу 26 проценти од учениците во Македонија достигнале 2-ро или повисоко ниво по читање.