Споровите да не бидат пречка за членство во ЕУ, бараат три земји – се спомнува и Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Билатералните несогласувања меѓу земјите членки и кандидатите не треба да бидат пречка за напредокот кон Европската Унија, сметаат Австрија, Чешка и Словачка, кои предлагаат спорните прашања да се решаваат преку директен дијалог, надвор од пристапните преговори. Меѓу примерите за вакви спорови се наведуваат несогласувањата меѓу Хрватска и Црна Гора, како и спорот меѓу Македонија и Бугарија.

Трите земји во средата доставиле заеднички неофицијален документ, познат како нон-пејпер, пред состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија, објави „Вечерњи лист“.

Иницијативата доаѓа во период кога Црна Гора се приближува кон завршницата на пристапните преговори, но отворените прашања со Хрватска продолжуваат да влијаат врз процесот. Истовремено, Европската комисија предлага прашањата што не се дел од формалните критериуми за членство да се решаваат надвор од преговорите, како и да се разгледа можноста за одлучување со квалификувано мнозинство за одредени прашања наместо со едногласност.

Австрија дополнително го покренала прашањето за проширувањето и правото на вето во разговорите со министрите на земјите членки.

Во заедничкиот документ, трите држави предлагаат земјите кандидати постепено да добиваат пристап до одредени политики, програми и агенции на ЕУ и пред да станат полноправни членки. Се предлага и поедноставување на донесувањето одредени технички одлуки.

Сепак, Хрватска смета дека отворените прашања со Црна Гора не се исклучиво билатерални, туку се однесуваат и на добрососедските односи, воените злосторства, правата на жртвите и обврските поврзани со пристапувањето во Унијата. Поради тоа, останува спорно кои барања треба да бидат дел од пристапните критериуми, а кои треба да се решаваат одделно.

Австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер неодамна изјави дека членството на Црна Гора во ЕУ е „на дофат“. Словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар оцени дека земјата технички ги исполнува условите за пристапување, но дека сè уште постојат пречки поврзани со историските прашања во регионот.

Европската комисија, во документот „Подготовки за поширока Унија“, предлага идните членки во одреден период да се обврзат дека нема да го блокираат следното проширување поради билатерални спорови. Овој модел првично би се разработувал во рамките на пристапувањето на Црна Гора.

Дека несогласувањата веќе имаат конкретно влијание врз преговорите покажува и Поглавјето 14, кое се однесува на транспортната политика. Хрватска изразила резерва, поради што заедничката позиција на ЕУ за ова поглавје сè уште не е усогласена.

Иако посебна работна група го подготвува делот за транспортот во идниот пристапен договор на Црна Гора, земјите членки сè уште немаат постигнато согласност за затворање на преговорите во оваа област.