Спречување за влез на корозивен капитал – Македонија и земјите од регионот немаат механизам за оценување на инвестициите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија, но и сите земји во регионот немаат механизам со кој што ќе можат да ги оценуваат квалитетот и самиот интегритет на инвестициите кои што влегуваат во земјата и државата треба што поскоро да примени механизам со кој ќе спречи инвестиции кои се потпираат на таканаречен корозивен капитал.

„Првата тема која што ја обработуваме се однесува на скрининг механизмот за директни странските инвестиции што доаѓаат во земјата. За сега, Северна Македонија, но и сите земји во регионот немаат механизам во кој што ќе можат да ги оценуваат квалитетот и самиот интегритет на инвестициите кои што влегуваат во земјата. Преку една од публикациите ние промовираме механизам кој што веќе постои во ЕУ како таков и постои регулатива која Македонија поради почнувањето на преговорите ќе мора да ја имплементира. Ние отидовме чекор понатаму и ја утврдивме која е потребата од ваков механизам да се воведе што е можно побрзо особено сега во светло на воената агресија на Русија врз Украина“, вели Зоран Нечев.

Џон Кеј, програмски офицер за Европа и Евроазија во Центарот за меѓународно приватно претпријатие, рече дека се тука како поддршка на промоцијата на трите публикации за привлекување на она што го нарекуваат конструктивен капитал, и да се спречи влегувањето на она што го нарекуваат корозивен капитал.

„Со други зборови инвестиции кои се транспарентни и кои имаат позитивно влијание врз локалниот бизнис и врз растот на економијата“, додаде Џон Кеј.

Конференцијата ја организираат Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје во соработка со Центарот за меѓународно приватно претпријатие и таа претставува завршен настан на проектот „Адресирање на корозивниот капитал во Северна Македонија“ поддржан од Центарот за меѓународно приватно претпријатие имплементиран од Институтот за демократија.