Средба на иницијативата САД-Јадранска повелба – „Интеграцијата на 3Б во фокусот поради руската агресија врз Украина“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Руската агресија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата ЕУ да се фокусира на интеграцијата на земјите од Западен Балкан, процес, за кој оцени дека ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста и демократијата во регионот, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната конференција на 26 началници на генералштабовите од земјите членки на САД-Јадранска повелба А5.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска рече дека во последниве две децении иницијативата САД-Јадранска повелба се покажала како успешен регионален механизам за зајакнување на довербата меѓу земјите членки но и пошироко. Петровска рече дека во последните две децении, САД беа најголеми мотиватори и поддржувачи на европските и евроатлантските агенди на земјите членки на Повелбата.

Командантот на високата сојузничка команда на НАТО за Европа, генерал Каволи рече дека руската агресија врз Украина ја покажува вредноста и важноста на колективната безбедност и колективниот територијален интегритет.

На конференцијата присуствуваа и началниците на Генералштабот на вооружените сили на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Армијата на Црна Гора, како и високи воени лидери на заедничката команда на НАТО од Неапол и од Командата на САД за Европа. Како набљудувачи на конференцијата присуствуваа и воените претставници од Министерството за одбрана на словенечките вооружени сили, Министерството за одбрана на војската на Србија и Косовските безбедносни сили (ФСК), додека како гости на конференцијата беа командантите на националните гарди на американските сојузни држави, кои се партнери на земјите од А5 како и од Вермонт, Минесота, Ајова, Мериленд, Охајо, Колорадо, Њу Џерси и Мејн.