По пораката од Преказ дека ВЛЕН е едно, синоќа за првпат лидерите на коалицијата седнаа на иста маса за да ги усогласат ставовите околу начинот на функционирање како единствен политички субјект и формирањето на другите органи. Иако средбата беше затворена за медиумите, не беа соопштени детали за јавноста ниту по нејзиното завршување. Синоќешната средба не ја коментираше ниту Билал Касами.
„Денес е ден на екологијата“, изјави Билал Касами од ВЛЕН.
Сепак, извори од ВЛЕН за ТВ21 велат дека средбата била една од најконструктивните досега, при што страните едногласно ги надминале сите несогласувања во однос на моделот на функционирање со двајца ко-претседатели и другите чекори.
Истите извори информираат дека првиот конгрес на партијата ќе се одржи во мај, без конкретен датум, но најавуваат дека до тогаш ќе започнат подготовките за внатрешната организација, структурирањето на ограноците, подограноците и други прашања. За формирање на партиските структури ќе бидат формирани посебни тимови кои ќе го следат процесот на внатрешно организирање.
Што се однесува до имињата за потпретседатели, генерален секретар и членови на раководните органи, тие ќе бидат објавени по завршување на процесот на организација. Вакви средби како синоќешната се очекува да продолжат со засилено темпо и да се одржуваат речиси секоја недела.
