Во екот на летото, повеќето чешми во селото Стримница во Општина Желино се пресушени. Жителите изразуваат револт дека оваа криза се повторува секое лето, а ги обвинуваат локалните власти за долгогодишна негрижа.
„Веќе една недела живеам во горниот дел од населбата и немаме ниту капка вода. Сметките редовно ни ги бараат, а водата ја пуштаат кога тие сакаат. Нема кој да се заинтересира за нас. Вода за пиење морам да полнам во град, иако ни таа не знаеме колку е безбедна, а за чистење и хигиенски потреби воопшто немаме.“
„Овој проблем не е од денес, отсекогаш постоел. Но, откако општината го презеде управувањето пред десет години, ситуацијата целосно се влоши. Кога управувавме приватно, функционираше многу подобро.“
„Не е само прашање на општината, сите треба да се ангажираат. Летото има свои предизвици, доаѓаат и иселениците и потрошувачката се зголемува. Но тие доаѓаат на ограничен број денови и треба да им се обезбедат минимални услови.“
Од Јавното комунално претпријатие Желино се правдаат дека за прекинот виновен бил недоволниот капацитет на старата пумпа. Сепак, раководството ветува брзо решение преку нова инвестиција.
„Пумпата што ја имавме во функција досега немаше доволно сила за да ја снабдува цела Стримница, па моравме да поставиме нова пумпа. Проектот беше подготвен, но процедурите малку нè забавија. Вчера работевме 24 часа без прекин за нејзино ставање во функција и чистење на бунарот. Денес, по завршувањето на работите на терен, секоја куќа во Стримница ќе има вода за пиење.“, вели Суад Алили.
Поради последователните откажувања на јавната мрежа за снабдување на целото село, најголемиот дел од жителите на Стримница како решение нашле копање бунари во своите дворови. Наредните денови ќе покажат дали новата пумпа ќе стави крај на десетгодишното незадоволство во ова населено место.
