Заврши потрагата по 15-годишното девојче Наташа Николова од кочанско Оризари. Наташа беше пријавена во полиција како исчезната, а ноќеска пред полноќ се вратила во својот дом, по што е прекината акцијата за нејзино пронаоѓање.
– Ноќеска по 23 часот девојчето си дојде само, во релативно добра здравствена состојба, физички исцрпено, но без видливи траги на насилство или малтретирање. Сепак, поради неопходното закрепнување, во болницата во Кочани ја добива потребната лекарска грижа. Во име на смејството сакам да се заблагодарам на сите кои се вклучија и помогнаа во потрагата и вакви случаи воопшто да нема, истакна Драги Серафимов, роднина на исчезнатото девојче.
Од Локалната самоуправа на Кочани информираа дека во координација со водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани вчера попладне била запрена водата во десниот магистрален канал, за да се истражува по целата негова должина. Центарот за управување со кризи и Министерството за внатрешни работи најавиле дека ќе испратат стотина припадници од специјалните единици за да се вклучат во потрагата, но рано утрово активностите се прекинати.
