ССМ излезе на протест – бараат неодложно зголемување на минималната плата за 6000 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со едноминутно молчење во чест на настраданите во Кочани и со усвојување на дневниот ред од три точки, во 12 часот и 05 минути, пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија на отворено започна јавната седница на проширеното раководство. Оваа седница е револт поради тоа што не се заголеми минмалецот на 500 евра и затоа што владата го суспендираше Економско социјалниот совет.

Првата точка која гласеше „Не може да има за пратениците, а да нема за работниците“, беше разгледана и усвоена пред Собранието.

„Ве молам да донесеме одлука пратениците да бидат на минимална плата до наредното зголемување на минималната плата. Кој е за? Дали има некој против? Дали е некој воздржан? Втората точка „Подадена рака од работникот денес, утре може да биде тупаница“ беше усвоена пред Стопанската комора на Македонија“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

„Од мене почитувани работодавачи имате една порака… Зголемете ги платите оти немаме резервна држава. Ќе си одите вие од Македонија, не ние… А третата точка, „Не може да се одлучува за нас работниците, без нас работниците“ се усвои пред Владата“, изјави Трпе Деаноски, генерален секретар на УПОЗ.

„Кој е „ЗА“ цела влада на минимална плата? Кој е за?… Почитувани функционери, Сојузот на синдикатите на Македонија, органите и телата на синдикатите здружени во ССМ ви донесоа одлука сите вие на минималец. Доколку не ја почитувате, возможен е генерален штрајк, а доколку не ги зголемите платите на работниците, возможни се протести“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Инаку, присутните на протестот побараа неодложно зголемување на минималната плата за 6.000 денари односно од сегашните 24.400 на 30.000 денари.

Синдикалците сметаат дека потпишувањето на одлуката за усогласување на минималната плата е наезакнско, без согласност од Економско социјалниот совет, но и без промена на Законот и смена на одредбата во која стои дека нејзе ја потпишува Министерот за труд и социјална политика, нешто што веќе не постои во реалноста.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши вели пак дека потпишувањето е законски, а смета и дека секој има право да протестира.

„„Живееме во демократија и секој има право да излезе на улица и да протестира, да го искаже својот револт. Јас ќе кажам пак дека на синдикатите им истече мандатот и веќе не се репрезентативни… Одма кога ќе се определи кој синдикат ќе биде репрезентативен јас одма ќе ја свикам седницата на Економско социјалниот совет и синдикатите таму треба да ги кажат своите барања, а не на улица“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Од ССМ порачаа дека владата мора да ги почитува во потполност колективните договори.