Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) денеска со протест ќе го одбележи Меѓународен ден на трудот, испраќајќи порака за повисоки плати и подобри услови за работа.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, деновиве повика на масовна излезност, нагласувајќи дека работниците треба јасно да го изразат незадоволството од ниските примања, слабата заштита на правата и односот на институциите и работодавачите.
Протестот ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом на ССМ, по што учесниците ќе се упатат кон Собрание на Република Северна Македонија, Стопанска комора на Северна Македонија и Влада на Република Северна Македонија, каде ќе бидат доставени синдикалните барања.
Во фокусот е барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, што според ССМ претставува неопходен минимум за достоинствен живот, особено во услови на зголемени трошоци за живот.
На протестот нема да учествува Самостоен синдикат за образование, наука и култура (СОНК). Наместо тоа, синдикатот организираше конференција посветена на трудовите политики и колективните договори.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, изјави дека нивниот пристап е решавање на проблемите преку социјален дијалог и преговори, наместо преку протести.
– Ние го избравме патот на дијалогот и резултатите ги постигнуваме на маса. Протестите се нивна стратегија – посочи Неделков.
Тој додаде дека годинава празникот го одбележуваат со научна конференција, на која се дискутира за законската рамка, примената и предизвиците поврзани со колективните договори.
Барањата за повисоки плати се во центарот на одбележувањето на 1 Мај, во услови на раст на цените и инфлација. Меѓународен ден на трудот се одбележува во спомен на работничките протести од 1886 година во Чикаго, кога се барало воведување осумчасовно работно време.
Во земјава, 1 Мај е неработен ден согласно закон, а празникот се одбележува во повеќе од 80 држави ширум светот.
